Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
I Писмо на Сониксен по повод опожарувањето на Ниси

„До британскиот конзул,
Солун, Турција.

Господине,

Вие веројатно ќе го препознаете името на американскиот граѓанин во долупотпишаното писмо, кој исчезна од Воден на 16 фебруари. На тој начин ќе разберете дека јас сум бил со револуционерите точно еден месец и да додадам, дека имав можност да ги набљудувам сите инциденти, кои се случија во тоа време меѓу македонските револуционери од таа околија и вооружените чети на грчките владици.

Во интерес на делото, кое што верувам дека е едно од најсправедливите, за што некогаш се бореле луѓето, јас посакав како вас да ги соберам фактите, коишто доведоа до опожарувањето на грчкото село Ниси во ноќта на 14 март од револуционерите под раководството на Лука Иванов и Апостол, при што ќе откриете дека е секој потврден со непристрасно проучување. Јас бев очевидец на повеќето од овие настани и имав можност внимателно да ги проучам. Како Американец, вие можете да знаете дека предубедувањата, коишто ги имам, не се засновани на расна или религиозна омраза. Природно, јас сум предубеден, но моите предубедувања се засновани на тврдата увереност во справедливоста на едната страна во оваа борба и егоистичките мотиви на водачите на другата страна. Но дури и таква пристрастност не би можела да повлијае на фактите, коишто ги поднесувам.

На 7 фебруари (стар стил) селаните од Марина, Карафериска околија, добиле писмо од Коста Акритас, војвода на чета од грчките „војници на Христа“, предупредувајќи ги дека ако се жалат пред Европејците или Турците од грчките чети и ако веднаш не се објават за приврзаници на грчката црква, нивните куќи ќе бидат изгорени, а тие, нивните жени и деца и целиот нивни род ќе бидат убиени и исечени на мали парчиња. Тие треба исто така да одат да пазарат во градот Негуш. Селаните го одбегнуваа овој град како познато сврталиште на грчките чети.

Писмото веднаш му беше испратено на Лука Иванов, револуционерен раководител на таа околија, по што јас му го испратив на Лондонскиот Балкански комитет, заедно со друго слично.

Никаква оценка не беше земена од таа закана. Во ноќта на 10 март (н. ст.) во селото ненадејно навлегла грчка чета, којашто влегла во една куќа и започнала со насилие врз станарите. Некои од селаните, со стари пушки и револвери, зазеле позиции и отвориле оган. Грците одвратиле на огнот и вревата довела на помош мажи од едно соседно село, кои му помогнале на овие од Марина да ги одбијат Грците. Тие отстапиле, оставајќи зад себеси петмина убиени. Од селаните бил убиен еден. При светла месечина Грците биле видени како отстапуваат едни кон Негуш, други кон Ниси. Во исто време, додека тоа се случувало, турски војници влегле во соседното село Јанчиша и бидејќи селаните се враќале од борбата во Марина, тие фатиле еден од нив и го подложиле на мачења, за да признае каде е скриено оружјето. Подоцна јас го видов; грбот му беше една незарастена рана. На половината му се гледаше исто така рана од бајонет.

Изутрината на 13 март Грците одново нападнале едно село Голо, изгориле две куќи и раниле еден селанец, но на крај биле одбиени од селаните. Било забележано дека Грците отстапуваат преку блатата накај Ниси.

Лука Иванов и Апостол со своите подвојводи се сретнаа и зедоа решение за брза казнена мерка против Ниси, кое што беше познато како главен центар на грчката чета. Претходниот ден тие беа приготвиле обраќања кон конзулите дека по две години на воздржување, тие не можат повеќе да ги трпат грчките дејствија и во иднина Бугарите треба да ја заштитуваат својата кауза пред европското мислење, кое што досега не обрнало внимание на безбројните влашки и бугарски села, изгорени од грчки чети. Тие документи беа зафрлени настрана, луѓето беа собрани заедно и преку ноќта се упатија кон Ниси.

Како очевидец на настанот, давам подробности. Иванов со 20 души влезе во горниот крај на селото, Апостол со 20 – во долниот крај. Десет души беа оставени однадвор како заштита. Два плотуни беа истрелани над покривите, за да ги предупредат жителите да избегаат. Тогаш куќите во центарот на селото беа потпалувани една по една, откако прво се проверуваше да не останало назад некое дете. Во неколку куќи, особено во куќата на попот, имаше големи складови од бојни резерви за пушки „Гра“, коишто избувнаа, кога оганот стигна до нив.

Беа давани чести плотуни, за да се предупредат евентуално дојдените на помош дека силите се големи. За да се засили тој впечаток, надвор од селото беше запален еден врзоп динамит. Беа случајно убиени двајца Албанци и еден Грк, а друг намерно, бидејќи беше познат како голем шпион. Дали пострадале и други, ние не знаеме.

Еден маж и жена со две деца беа останати во селото и беа земени под лична закрила на Иванов и подоцна им беше дадено писмо, адресирано до кметот на селото, во кое што се објаснуваше зошто беше изгорено селото. Ништо не беше ограбено, дури и резервите од опинци, најдени во анот, беа оставени да изгорат.

Во меѓувреме „војниците на Христа“ не беа далеку и отворија оган од блатата. Отпрвин револуционерите одвратија, но откако се виде дека тие се надвор од опсегот и останаа така преку целото време додека ние бевме таму, повеќе не им се обрна внимание. Селото беше окупирано два часа, од 3 до 5 (по турски). Победните куќи од горниот крај на селото не беа изгорени.

Од моето искуство со полегално војување, јас преценив дека би можело да има опасност од беззаконие. Но луѓето на Иванов и Апостол сите до еден постапуваа со поголема воздржаност и спокојство, отколку што сум набљудувал да пројавува американската војска на Филипините. Вие можеби знаете од инцидентите од вашата сопствена војна со бурите, дека дури и дисциплинирани војници е тешко да се управуваат во дела од овој вид. Сите правила, почитувани од цивилизираните армии, беа спазени во Ниси против луѓето, кои од своја страна не постапуваат така.

Отсега натаму секој напад, извршен од Грците врз непатријаршиско село, ќе биде следен од казнена мерка врз патријаршиско село. Тоа е решението, донесено од војводите на овие два реони. Друга тактика беше безуспешно спроведувана веќе две години; грчките чети сериозно откажуваат да се сретнуваат со вооружените револуционери и само тероризираат невооружени општини и одделни личности. Тоа сум замолен да ви соопштам со посочените причини. Слична декларација е испратена до кајмакамот на Караферија. Не се помисли за потребно да се беспокојат другите конзули и цивилните агенти, бидејќи досега немало никакви резултати од поплаките до нив.

Не знам какви се вашите средства за добивање на информации и точни податоци за положбата на населението во внатрешните околии на Македонија. Ако можам да ви бидам на услуга во тој однос, ќе ми биде драго да ве снабдувам со резултатите од моите набљудувања, бидејќи знам дека ќе ги исползувате чесно во вашите извештаи. Ако решите да одговорите на ова писмо, донесувачот ќе го земе вашиот одговор. Се разбира, јас ќе го сметам секое соопштение од вас како апсолутно доверливо.

Искрено ваш
(потпишал) Алберт Сониксен.“

<<Назад | Почеток

granicnik